10 јули 1856 – роден е научникот Никола Тесла
На денешен ден, 10 јули, во 1856 година, во Смиљан, Лика, роден е научникот, истражувач и пронаоѓач на полето на електротехниката и радиотехниката, познат како татко на наизменичната струја и бројни футуристички пронајдоци, Никола Тесла.
Никола Тесла е роден во Србија, а подоцна добива американско државјанство и станува граѓанин на САД. Тесла е најпознат по своите револуционерни откритија во областа на електромагнетизмот кон крајот на XIX и почетокот на XX век. Патентите на Тесла и неговата теориска работа стануваат основа за формирањето на целокупниот систем на наизменичната струја, вклучувајќи го и конструирањето на полифазните системи (поточно трофазните), како и на индукциониот мотор, со кој се претвора во предводник на Втората индустриска револуција.
По неговата демонстрација на безжичната комуникација (радиото) во 1893 година и откако е прогласен за неспорен победник во „Војната на струите“, тој станува најпочитуваниот и најголемиот американски и светски научник.
Голем дел од неговата најрана работа ќе стане основа за модерното инженерство, а многу од неговите откритија се од непроценлива важност за развитокот на модерната цивилизација. Во текот на овој период, во САД, славата на Тесла била споредлива само со онаа на најголемите научници во историјата или ѕвездите на популарната култура, но како резултат на неговиот ексцентричен карактер и неверојатни, понекогаш и фантастични тврдења за можни научни и технолошки откритија, Тесла на крајот завршува исмеан и обележан како луд научник. Никогаш не грижејќи се за пари, Тесла умира осиромашен и заборавен на возраст од 86 години.
Покрај неговата работа во областа на електромагнетизмот и инженерството, генераторите, Тесла остава свој печат и во областа на роботиката, конструирањето на далечинскиот управувач и радарот, како и во развивањето на компјутерската наука, балистиката, јадрената и теориската физика. Во 1943 година, Врховниот Суд на САД го прогласи Тесла за единствен пронаоѓач на радиото. Многу од неговите откритија се искористени, дел со примеси на контроверзија, за да поддржат теории во областа на псевдонауките, НЛО потрагите, како и на полето на окултизмот. Современите проучувачи на ликот и делото на Тесла го нарекуваат „човекот што го измисли дваесеттиот век“ и „светецот-заштитник на модерниот електрицитет“.
Иако бил номиниран за Нобелова награда, никогаш не го добил ова големо признание.