Уапсени се 11 лица поради рушењето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, соопшти Вишото јавно обвинителство во Нови Сад.
Од Вишото јавно обвинителство велат дека по прибирањето и деталната анализа на целокупната потребна документација, разговори со поголем број граѓани и завршување на вештачењата со кои се утврдени причините и околностите за падот на настрешницата, кои им биле доставени на 20 ноември наредиле апсење и приведување на вкупно 11 лица.
Тие се уапсени поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело против општата безбедност и кривично дело неисправно и неправилно изведување градежни работи.
Меѓу уапсените е и поранешниот министер Горан Весиќ, пишува Mondo.
Весиќ поднесе оставка од функцијата министер за градежништво, транспорт и инфраструктура. Тој поднесе оставка пет дена по трагедијата што се случи во Нови Сад во која загинаа 15 лица.
„Дадов оставка од функцијата министер за градежништво, транспорт и инфраструктура во Владата на Република Србија. Дадов оставка како одговорен човек кој со личен пример сака да покаже дека во денешна Србија има морална одговорност поради страшната трагедија која се случи во одделот што го раководам“, рече тој.
За делото е предвидена затворска казна од 2 до 12 години, информираат од обвинителството во Србија.