12 август 30 п.н.е., Клеопатра се самоубила по поразот на Марко Антониј од Октавијан
На денешен ден, 12 август, во 30 година п.н.е., кралицата на Египет, Клеопатра, се самоубила откако Марко Антониј бил поразен од Октавијан.
Клеопатра VII Филопатор (69 п.н.е. – 12 август 30 п.н.е.) е позната како последен независен владетел на земјата бидејќи по нејзината смрт Египет станал римска провинција.
Клеопатра била припадничка на Птоломејската династија која владеела со Стариот Египет, т.е. наследничка на еден од генералите на Александар Македонски кој ја презел контролата врз Египет после неговата смрт.
Клеопатра на почетокот владеела заедно со нејзиниот татко Птоломеј XII Аулет а подоцна заедно со нејзините браќа, Птоломеј XIII и Птоломеј XIV, со кого и се омажила согласно египетските обичаи.
Се верува дека една од најпознатите двојки на светот, Марко Антониј и Клеопатра, не биле ниту приближно толку убави колку што се прикажуваат на холивудското платно.
Имено, на паричката од 32 година пред новата ера, Клеопатра не изгледа воопшто убаво - остар нос, тенки усни и шилеста брада. Ниту малку не наликувала на познатата глумица во филмот Клеопатра од 1963 година, Елизабет Тејлор. Марко Антониј, пак, чиј лик го играл познатиот глумец Ричард Бартон, имал сплескан нос и премногу дебел врат.
„Римските писатели ја опишувале Клеопатра како многу интелигентна и харизматична жена со заводлив глас, но никаде не се споменува нејзината убавина“, вели Линдси Алисон-Џонс, директорка на археолошкиот музеј.