12 јули 1943, Црвената армија ги запрела нацистите кај Курск
Една од најголемите битки во современата воена историја се случила на денешен ден и претставувала клучен пресврт за конечниот епилог на Втората светска војна.
На 5 јули истата година Германците ја почнале офанзивата наречена Операција Цитадела (Unternehmen Zitadelle) на Источниот фронт кај градот Курск, 450 километри југозападно од Москва. Офанзивата траела до денешниот ден кога советската армија ги победила нацистите и почнала контраофанзива наречена Операција Кутузов.
Градот Курск за Хитлер претставувал главен комуникациски центар помеѓу северот и југот на СССР и затоа морал да го има под своја контрола. Но, силната советска контраофанзива, која траела до 23 август, резултирала со пораз на Германците кој предизвикал пресврт во војната. Потоа Црвената армија само напредувала кон Германија.
Во Битката за Курск загинале околу 160-200 илјади Германци кои загубиле и околи илјада тенкови и други оклопни возила, како и 681 авион. Советите претрпеле уште поголеми загуби: околу 250 илјади загинати, 600 илјади ранети, уништени 7 илјади тенкови и возила и 3 илјади авиони.