15 март 44 п.н.е, во заговор бил убиен Гај Јулиј Цезар
На мартовските Иди убиен бил најпознатиот владетел на Рим, Гај Јулиј Цезар (Gaius Julius Caesar) кој се прославил со освојувањето на Галија. Бил обожуван од Римјаните и прогласен за бог.
Кога Цезар пристигнал на седница во Сенатот, Трилиј Кимбер му ја презентирал петицијата за ослободување на неговиот брат од прогонството. Останатите заговорници стоеле наоколу давајќи му подршка на Трилиј. Цезар го турнал Трилиј на страна, но овој го фатил за рамената и за неговата туника повлекувајќи го надолу.
Тогаш Цезар извикал: „Зошто, ова е насилство?“ (Ista quidem vis est). Во истиот момент, Каска се обидел да го прободе Цезар со нож во вратот, но Цезар брзо се свртел и ја фатил неговата рака и рекол: „Каска, селану, што правиш?“, а Каска, преплашен, извикал: „Помогнете, браќа“.
За многу кратко време целата група, вклучувајќи го и Брут, го нападнала диктаторот. Цезар се обидел да побегне, но заслепен од крвта паднал на подот. Додека беспомошно лежел долу, останатите луѓе продолжиле да го удираат и да го бодат.
Познатата реплика „Et tu, Brute?“ (И ти ли, Бруте?) која Цезар наводно ја кажал како негови последни зборови и тоа кон Брут, веројатно е само мит. Иако денес оваа фраза е општоприфатена, римскиот историчар Свитониј, кој бил современик на Цезар, вели дека Цезар не кажал последни зборови. Истото го тврди и грчкиот историчар Плутарх. Фразата станала позната благодарение на драмата „Трагедијата на Јулиј Цезар“ од Вилијам Шекспир.
Имал 55 години кога бил убиен.