



















16 јуни 1963, Валентина станала првата жена во вселената
Русинката Валентина Владимировна Терешкова во соло мисија со леталото Восток-6 станала првата жена во вселената, и до ден денес најмладата.
Била избрана од вкупно 400 кандидатки за мисија која првично требало да вклучува две девојки во две различни летала, но подоцна планот бил сменет и во Восток-5 бил ставен космонаутот Валериј Биковскиј. Велеле дека била „Гагарин во сукња“, немала воено искуство, но била искусен падобранец. Татко ѝ загинал во Втората светска војна.
Утрото на 16 јуни 1963 година Восток-6 бил лансиран од космодромот Бајконур и 26-годишната Терешкова станала првата жена во вселената. Минала вкупно 2 дена, 22 часа и 50 минути во вселената, а Земјата ја обиколила 48 пати поминувајќи 1.960.000 километри. Се вратила на 19 јуни во 8:20 часот спуштајќи се со падобран близу градот Караганди во Казахстан.
Денес, иако во деветтата деценија, член е на руската Дума. Родена е на 6 март 1937 година во селото Бољшое Маслениково.