19 јули 1900, отворено било Париското метро
Првата идеја за изградба на подземна железница во Париз датира од 1845 година кога железничките компании и француската Влада почнале преговори. Дури во 1896 се договориле усвојувајќи го проектот на инженерот Филжанс Бјевни. Градежните работи почнале во ноември 1898, а на денешен ден во 1900 година тргнал првиот воз по линијата Порт Мајо-Порт де Венсан.
Денес метрото во Париз важи за второ најголемо во Европа, по она во Москва, а за десетто во светот. Има 16 линии, 302 станици, 214 километри пруга од кои сосема мал дел се над земја. Од оригиналните влезови во станиците денес постојат 86. Тоа е и петтото најстаро во светот по метроата во Лондон, Чикаго, Будимпешта и Глазгов.
Токму од метрото во Париз потекнува и зборот метро. Métro е скратеница од компанијата Compagnie du chemin de fer métropolitain de Paris, или скратено Le Métropolitain, која се грижела за подземната железница. Денес зборот метро е прифатен низ целиот свет како збор за подземна железница.