22 октомври 1797, првиот скок со падобран
На денешен ден Андре-Жак Гарнеран во извел првиот скок со падобран и тоа од небото над Париз на височина од околу илјада метри.
Идејата која уште Леонардо Да Винчи ја промовирал во своите скици конечно се реализирала на самиот крај од XVIII век. Прво, во 1783 година Луи-Себастјан Ленорман направил нешто налик на падобран составено од два чадора со кои успешно скокнал од дрво. Четиринаесет години подоцна Гарнеран дизајнирал и успешно го тестирал првиот падобран со способност да го забави слободниот пад на човек од голема височина.
Падобранот на Гарнеран бил направен од бела свила и налик на чадор со дијаметар од 7 метри. Качен во корпа со балон прикачен на падобранот се издигнал на височина од околу 1.000 метри над Парк „Монко“ во Париз, од каде го пресекол јажето што го држело балонот и Гарнеран почнал да паѓа. При слетувањето корпата силно се удрила в земја, но Гарнеран бил неповреден.
Гарнеран наредните години продолжил да изведува слични атракции, со што станал позната јавна личност, а често бил придружуван од неговата сопруга Мадам Женевјен, како и од дамата Ситојан Анри.