22 октомври 1929, денот на Лев Јашин
На денешен ден во Москва е роден човекот кој според многумина е најдобриот фудбалски голман во историјата, популарниот „Црн пајак“.
Јашин целата кариера му ја посвети на московски Динамо каде помина 21 сезона играјќи вкупно 358 натпревари. Петпати стана шампион на СССР, а 3 пати го освојуваше Купот. Се прослави со атлетскиот став, позиционирањето, акробатските рефлекси, а најпрепознатлив беше по тоа што на терен излегуваше целиот облечен во црно, често и со капче. Во 1963 ја доби Ballon d'Or наградата и до ден денес е единствениот голман кој ја освоил. Одбранил повеќе од 150 пенали, а на околу 270 натпревари ја сочувал мрежата.
За СССР одигра 74 натпревари, настапи на 4 Мундијали (1958, 1962, 1966 и 1970), во 1960 стана шампион на Европа на првото историско ЕУРО каде 4 години подоцна загуби во финалето. Во 1956 триумфираше на ЛОИ во Мелбурн.
Денеска ќе полнеше 91 година, но почина во 1990 од рак на стомакот.