22 септември 1980, Ирак извршил инвазија врз Иран
Со нападот на ирачката авијација врз десет воздухопловни воени бази на Иран почнала Првата заливска војна.
Целта на Ирак била да го ослабне својот сосед и да го спречи ширењето на идеологијата на ајатолахот Рухолас Хомејни, кој дошол на власт со револуцијата од 1979 година. Ирак гледал закана во префрлувањето на револуционерните идеи кај своето население, а воедно имал амбиции да го замени Иран како доминантна држава во Персискиот Залив, што претходно не било можно со оглед на силната економска и воена моќ на Иран како и неговите тогаш блиски врски со САД и Израел.
Војната траела дури до 20 август 1988 година. Ирак не успеал да освои погранични територии од Иран, додека Иран не успеал да ја префрли роволуцијата во Ирак и да го симне од власт Садам Хусеин. Точната бројка на загинати не е позната, но на двете страни загинале барем по 300 илјади, додека проценките одат и до 1 милион вкупно.