26 април 1986, експлодирала нуклеарната централа во Чернобил
На денешен ден во 1986 година во 1 часот, 23 минути и 40 секунди после полноќ експлодира нуклеарната централа во Чернобил, СССР, што претставува една од најголемите нуклеарни катастрофи во историјата на човештвото.
По првата, дошло до синџир од неколку експлозии и пожари кои создале радиоактивен облак во атмосферата кој потоа се раширил над широк географски регион. Радиоактивниот облак бил 30-40 пати поголем од оној што настанал над Хирошима. Облакот во текот на неколкуте наредни денови се распространил над западниот дел на СССР, делови од централна и северна Европа, па дури до источниот брег на Северна Америка. Големи површини од Украина, Русија и Белорусија биле тешко загадени, што предизвикало евакуација на над 336.000 луѓе од засегнатите подрачја. Според официјалните податоци, околу 60% од создадениот радиоактивен материјал завршил во Белорусија. Несреќата предизвикала загриженост околу безбедноста на советските нуклеарни централи, поради што и запрела градбата на нови централи од истиот тип. Покрај тоа, предизвикала голем број жртви од радијацијата, како и огромни трошоци на засегнатите земји за деконтаминација и здравствена заштита.
Поради таинственоста на властите во тогашниот Советски Сојуз, податоците за несреќата и последиците по животната околина и по здравјето на луѓето долго време не биле достапни. Извештајот подготвен од Меѓународната агенција за атомска енергија и Светската здравствена организација заклучува дека 56 лица загинале во самата несреќа, и проценува дека уште 9.000 други починале од рак директно предизвикан од радијацијата. Властите првобитно се обиделе да го сокријат инцидентот, но го признале дури откако зголемени нивоа на радиоактивно зрачење биле регистрирани и во Шведска.
Поради високото ниво на радијација, околу нуклеарната централа е воспоставена забранета зона со површина од околу 2.600 км², во која и до денес не е дозволен пристап на населението. Соседните градови Чернобил и Припјат се целосно напуштени. Самиот реактор е залиен со бетонски саркофаг дебел над 1 метар за да се спречи радиоактивното зрачење.