26 Моден викенд Скопје – зборуваме за одржливост среде брендови за брза мода

АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА
/ 13.03.2023 / 19:41

Модната индустрија е ставена под зелена лупа и крајно време е секој од нас да ја погледне низ објективот на одржливоста и етичноста. Барем така би било во идеален свет. Во овој реалниот, за почеток барем зборуваме за тоа.

Одржливоста во модната индустрија значи промовирање на благосостојбата на луѓето, заедниците и животната средина, пред профитот. Модната индустрија - во друштво со други големи потрошувачи на енергенси и ресурси – се наоѓа пред голем пресврт и глобално се работи на голем редизајн. Како глобални загадувачи и продолжувачи на експлоататорскиот производствен систем кој не ги плаќа соодветно работниците, играчите во модната индустрија имаат долга листа на еколошки и социјални неправди што треба да ги решат, бидејќи потрошувачите стануваат се погласни во барањата за транспарентност.

Со сè повеќе професионалци во индустријата кои поставуваат добар пример, покажуваат дека може да забавиме без да губиме, кои сме и кои би можеле да станеме, одржливоста во модата во светски рамки одамна излезе од сферата на разговор. Кај нас, со исклучок на неколку брендови и дизајнери посветени на одржливо работење, промовирање на бавна мода и етичко размислување, уште ја учиме терминологијата. Терминот „одржливост“ има многу дефиниции, дури и во областа на модниот дизајн и производството. Една истакната дефиниција во модата доаѓа од научниците Џенет Хеторн и Кони Уласевич, кои ја дефинираат одржливоста како работа или процес што: одбегнува штета на луѓето, одбегнува штета на планетата, ја подобрува благосостојбата на луѓето кои комуницираат со таа индустрија, и ја подобрува благосостојбата на средината во која се развива и користи.

Брзата мода ја направи облеката евтина и широко достапна, зголемувајќи го производството и потрошувачката на облека. Како резултат на тоа, животниот циклус на повеќето облеки - од екстракција на суровини до боење и производство, испорака, продажба и справување со отпад- е оптоварен со еколошки и социјални трошоци, од загадување на водата предизвикано од нетретирани бои и микропластика до лоши работни услови и ниски плати. Модната индустрија годишно генерира 20% од сите отпадни води и над 8% од сите стакленички гасови, според Обединетите нации. Потоа, тука се и самите производи: за да се направат лесни, издржливи, достапни ткаенини, околу 60% од материјалот е всушност пластика, според Програмата на Обединетите нации за животна средина (UNEP). Акрилниот, најлонскиот и полиестерскиот текстил, меѓу другото, испушта микропластика при секое перење и ја загадува животната средина на животните и рибите, но и на човекот.

Потоа доаѓаме до социјално-етичкиот момент: над 80% од работниците во текстилната индустрија се недоволно платени жени или девојки, според Fair Trade Certified. Работниците се соочуваат со низа здравствени опасности, како што се белодробни заболувања од лошата вентилација (на пример, кога синтетичките честички или памучната прашина го задушуваат доводот на воздух) и мускулно-скелетни повреди од задачи кои бараат повторувачки движења.

Моден викенд Скопје понуди платформа за отворена дебата

Под мотото „Јазикот на етиката и дизајнот", Моден Викенд Скопје се одржа по 26 пат, годинава на нова локација - во East Gate Mall - и со нов концепт, календарски и концептуално вклопувајќи се во Деновите на италијанскиот дизајн во соработка со Италијанската Амбасада во Скопје, Италијанската агенција за трговија ITA и Ист Гејт мол.

Не беше првпат Моден викенд Скопје да послужи како платформа за отворена дебата за одржливоста во модната индустрија, дебата која секогаш е добредојдена, а овојпат тој разговор се водеше во просториите на трговски центар во кој продавници имаат некои од најпознатите брендови за брза мода. Звучи контраинтуитивно, но во духот на реалноста и во насока на одржување на разговорот, ја прифатив поканата да зборувам како новинарка и претставничка на македонскиот огранок на Модна револуција, на дебатата со наслов „Мала, но совршена: енергијата на дизајнот за луѓето и околината“, заедно со Натали Ристовска – дизајнерка на одржлива мода и истражувач на новите технологии за производство на текстил и основач на брендот „Јованка“ (Yovanka), италијанскиот дизајнер Арслан Додо кој е на листата на 90 светски водечки дизајнери и компании, Карло Стронати – претставник на модниот бренд Errea, Милена Доневска – бренд менаџер во Magnetik и Александра Трпеска која под името „Маџестик“ делува како инфлуенсер кој застапува активизам и одржлива мода.

„Важен е целосниот животен стил, а не само нашиот однос кон облеката, и секој мал чекор се брои; користењето природни материјали и рачната изработка нè носат поблиску кон природата; дури и остатоците од оризот, кој е наша локална произведена храна можеме да ги употребиме во производството на материјали и облека; дека долготрајноста на производите и квалитетната изработка им даваат поголемо значење и можност за нивното понатамошно користење од следните генерации; едукацијата на потрошувачите на сите можни нивоа за принципите на одржливоста; поддршка кон локалните традиции и малите домашни дизајнерски брендови, како и поголема транспарентност на големите компании за нивниот придонес или влијание на околината. Сите треба да бидеме активисти и постојано да бараме одговорност од производителите. И на крај, да покажеме како дизајнот може да понуди одлични решенија за зачувување на нашата планета, нашите природни ресурси, нашата хуманост и нашата душа“, заклучи проф. д-р Гордана Вренцоска, која беше и модератор на оваа дебата.

Остануваат отворени клучните прашања за транспарентноста на брендовите и информираноста на потрошувачите, особено во контекст на се почестата појава на greenwashing, односно промовирање на привидно зелени акции и иницијативи од брендовите, како користење на рециклирани материјали (за чие потекло повторно нема доволно транспарентност), додека во реалноста не преземаат многу за подобрување на нивните практики и транспарентност. Генералниот заклучок беше дека е потребна поголема едукација на потрошувачите, од релевантни извори, за да можат да донесат информирани одлуки и да побараат одговорност од брендовите.

Три дена мода: Ревии за секого и поп-ап продавници за поддршка на локалните бизниси

„Моден Викенд Скопје не е само моден настан и не е само платформа за промовирање на новите сили во модата и славење на докажаните, туку и организација која претставува грижа, љубов и реалност за сите оние кои одлучиле да се посветат професионално со мода, дизајн, естетика и убавина, на кои ќе им се помогне на патот до успехот, па така низ бројки изминатите години реализирани се 303 модни ревиии, истите ги следеле преку 100.000 гледачи, се претставиле околу 50 самостојни дизајнери и 42 модни брендови и странски гости, организирани се 27 општествено одговорни настани, моделите ги носеле над 3.000 манекени, во организацијата биле вклучени над 500 луѓе и сѐ се одржувало на 50 типични и нетипични локации.

Програмата во трите денови ги претстави најважните аспекти на одржливата мода, но и на иновативните процеси кои ќе ја определуваат во иднина.

Активизмот на Моден Викенд Скопје, низ бројни општествено  одговорни проекти најмногу поврзани со циркуларната мода, со години наназад го врти вниманието кон одредени проблеми во нашето опкружение и иницира начини да се приближиме кон решавањето на истите“, велат организаторите.

На пистата поставена во ходниците на Ист Гејт мол, во рамки на 26. Моден Викенд Скопје, првата вечер беа претставени колекциите на ARMANI, LIU JO, PATRIZIA PEPE, TWINSET, SIGMA JEWLERY, DAN JOHN, ERREA, LEMARE, TOSCA BLU, BARK SHOES, FRATELLI BOVO, DANIELA COARO, UTOPIA, SERGIO ROSSI, TRUSSARDI, KIKO MILANO...

По првиот ден кој ја славеше италијанската мода, на вториот ден од Моден Викенд Скопје посетителите имаа можност да ги погледнат последните колекции, но и иновации на домашните дизајнерски сили на модната сцена. Програмата ја започнаа претставниците на Текстилното Трговско Здружение – Текстилен Кластер кој е дел од проектот „Fashion Employment Hub" и кој е еден од фаворитите за соработка на Skopje Fashion Weekend, заради мисијата која заеднички ја делат, а посветена е на одговорната мода.

Со претставување на IKIVERSE - првата дигитална модна ревија на Моден Викенд Скопје на Искра Џокиќ Кецап, дизајнер и уметник кој користи најмодерна 3D дигитална технологија за дизајн на облека која е достапна во оваа област. Потоа следуваше „Hope this feels familiar“, проект кој е соработка помеѓу модната дизајнерка Теодора Митровска и визуелниот уметник Душан Стефановски. Се работи за проект кој ги истражува границите помеѓу мода, уметност и перформанс.

Втората вечер продолжи со модната ревија на студентите на Интернационалниот институт за мода Изет Цури. Креациите го ставаат акцентот на техничката изведба, но и разработената инспирација која доаѓа од различни извори како: древните и современи култури, наследството на високата мода, експериментирање со техники на изведба, историјата на модата и реинтерпретација на дизајнерските остварувања од минатото, како и одржливата мода.

По големото дефиле на Интернационалниот институт за мода, публиката имаше можност да ја погледне колекцијата "Goddess" на Емира Имери. Мила Спасовска од брендот Yamuna презентираше аксесоари специјално дизајнирани од боите на палетата на IQOS.

УРМА имаше свој интересен поп ап простор на вториот ден од FWSK.  Таа е и првата концептуална онлајн продавница кај нас, која го соединува пазарењето со културата на живеење, пружајќи им несекојдневно и стилско купувачко искуство на клиентите со дизајнерски производи од висок квалитет, како и внимателно одбрани производи од етаблирани брендови, креирајќи селекција која има и културни придобивки за купувачите.

Отворена беше и изложбата SMALL BUT PERFECT: THE ENERGY OF DESIGN FOR PEOPLE AND THE ENVIRONMENT посветена на личностите кои на свој начин и преку својата работа се гласноговорници на циркуларната економија.

Тридневното модно патување на 26. издание на Моден Викенд Скопје, заврши со The Bridal Fashion Night, нудејќи ги најновите трендови и дизајни во невестинската мода.  Се претставија Наташа Карчева и нејзиниот бренд AL APAREL, SIGMA Jewelry, VLORA & KALTRINA, а големото финале беше оставено за FA-BU на Јагода Пачемска.

Моден Викенд Скопје и со ова 26. свое издание, беше прослава на креативноста, стилот и иновативноста во модната индустрија, со одличен одзив кај публиката. Покрај низата модни ревии, изложби и работилници, прикажувајќи ги најновите трендови и стилови и од етаблираните и од новите дизајнери, присутните имаа можност да се сретнат и да комуницираат со дизајнери, експерти во светот на модата, блогери, модели и инсајдери во индустријата, како и да научат повеќе за светот на модата и дизајнот низ различните аспекти на креативниот процес.

Фотографии од настанот: Ѓ. Ристоски

реклама

Голем месечен хороскоп за април 2024: Ретрограден Меркур им ги мрси конците на неколку знаци

Read more

Зошто треба да ставите алуминиумска фолија зад рутерот?

Read more

Едноставен и брз метод: Белите патики повторно ќе изгледаат како нови

Read more

Како е поврзано пиењето кафе со ракот на дебело црево?

Read more

Стил

Преполниот куфер ќе стане минато: Пробајте го генијалниот метод 333

Read more

Нема одмор за најубавата спортска новинарка во светот

Read more

Hats and the City – нов едиторијал на шапки од Мирјана Јосифоска

Read more

Најлоша мода на Оскарите 2024: Кај ви беше паметот?

Read more
 

Магазин

Едноставен и брз метод: Белите патики повторно ќе изгледаат како нови

Читај повеќе

Историски заблуди

Читај повеќе

5 совети како да го разгорите повторно вашиот сексуален живот

Читај повеќе

Голем месечен хороскоп за април 2024: Ретрограден Меркур им ги мрси конците на неколку знаци

Читај повеќе
  • filter

Најскапите намирници во светот: Треба да потрошите вистинско богатство за нив

Читај повеќе

Рецепт на денот: Јагнешки бут зачинет на грчки начин

Читај повеќе

Зошто никогаш не треба да го резервирате седиштето 11А во авион?

Читај повеќе

Пет причини зошто треба почесто да јадете тиквички

Читај повеќе

5 причини зошто треба да го ограничите времето што децата го поминуваат пред екрани

Читај повеќе