27 јануари 1945, Црвената армија го ослободила Аушвиц
Како што Црвената армија напредувала кон Германија, на денешен ден во 1945 година дошла до злогласниот концентрационен логор Аушвиц, кој го ослободила.
Откако на нацистичките Ес Ес им станало јасно дека советската армија ќе дојде до Аушвиц, почнале масовно погубување на затворените луѓе, а околу 60 илјади ги префрлиле во други логори. Седум илјади останале, кои потоа биле ослободени од Советите.
Аушвиц бил најголемиот комплекс на концентрациони логори на нацистичка Германија во текот на Втората светска војна сместен во близина на градот Ошвјенќим во Полска, околу 50 километри западно од Краков.
Командантот на логорот, Рудолф Хес, сведочел на Нирнбершкиот процес дека 1,1 милион луѓе умреле во логорите во времето кога тој бил командант (4 мај 1940 до ноември 1943). Од нив околу 90% биле Евреи од речиси сите земји во Европа. Биле убиени и голем број Роми, политички неистомисленици и руски воени затвореници. Убиствата биле вршени со употреба на гасот Циклон-Б, но голем број починале и поради глад, присилна работа, болести и медицински експерименти. Телата на умрените биле кремирани, најпрво во крематориуми, а подоцна и во отворени јами.
Денешниот ден од страна на ОН е прогласен за Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од Холокаустот.