27 мај 1937, пуштен бил во употреба мостот Голден Гејт
На денешен ден, 27 мај, во 1937 година, по четиригодишна изградба, бил пуштен во употреба мостот Голден Гејт, симбол на Сан Франциско.
Проектот за изградба на огромниот мост е дело на инженерите Џозеф Штраус, Чарлс Елис, Лион Соломон Мојсиф и архитектот Ирвинг Мороу. На 5 јануари 1933 година почнала изградбата од која на крајот никнал мост долг 2,7 километри, висок 227,4 метри и со широчина од 27,4 метри. Го поврзува градот Сан Франциско со округот Марин, а низ него Тихиот Океан се поврзува со Заливот Сан Франциско.
Денес по мостот дневно поминуваат околу 110 илјади возила. Важи за најфотографираниот мост во светот, а за многумина и најубав. Се смета за едно од Чудата на модерното доба.