Култура
НА ДЕНЕШЕН ДЕН

27 ноември 2018, почина Горан Стефановски

27. ноември 2019 - 9:40 | Кајгана

На денешен ден, пред една година, во Англија, во местото Кентбери, по кратко боледување, на 66-годишна возраст почина познатиот македонски драмски писател Горан Стефановски.

Горан Стефановски е роден во Битола, 27 април 1952 и е еден од најплодните драмски писатели од современата македонска книжевност.

Завршил Филолошки факултет во Скопје, англиски јазик и книжевност. Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград каде што и магистрирал на тема „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“.

Работел во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на скопскиот Филолошки факултет.

Од 1986 година бил професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Член на Друштвото на писатели на Македонија од 1979 година. Член е на Македонскиот ПЕН центар.

Со појавата на Стефановски современата македонска драма доживува голем успех, особено со неговите драми  „Јане Задрогаз“, „ Диво месо “, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“.

Стефановски е автор на телевизиските драми  „Клинч“, „Сослушувањето на железничарот“ и на ТВ сериите „Тумба, тумба дивина“, „Бушавата азбука“.

Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“. Горан Стефановски беше и дописен член на МАНУ.

Ова се дел од најнезаборавните цитати од делата на „македонскиот Шекспир“:

Јаков: Затоа што сум жив. Вам ви е сеедно. Луѓето копнеат да умрат. Основците копнеат да станат гимназијалци, гимназијалците студенти, студентите да најдат работа, вработените да се оженат, оженетите копнеат по стан и да им пораснат децата за мирно да си се пензионираат, пензионерите копнеат по здравје, а сите копнеат да умрат и мртви копнеат да се родат за пак да се условно живи, во нов расчекор со себе. („Дупло дно“)

Цибра: Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност. („Тетовирани души“)

Киро: Не ме боли газот за народните права, ниту народот ги заслужува, ниту може да ги има, ниту ако ги добие, ќе знае што да прави со нив. („Лет во место“)

Анастазија: Има помалку души одошто луѓе. Знаете ли тоа? Има повеќе тела одошто души. Па една душа опслужува повеќе тела. Душите се како кучиња. Сакаат да се блиску до господарот. А вам ви е гајле. Ги пуштате да гладуваат, да лутаат неспокојно. („Жив човек“)

Никола: А што значи самоубиство? Нас нè повика татковината. Јас зедов пушката и тргнав. Како и татко ми пред мене. Имам вера во Бога. Имам вера во власта. („Екс-ју“)

Денес сè се купува и продава. Дури и она што луѓето мислат дека нема цена. Тоа обично е и најевтино. („Диво месо“)

Јаков: Ѕидот во вашата глава. Одбивам да сум жив по инерција, да дишам на шкрги. Одбивам да чекам како јаре пред Ѓурѓовден, како свиња пред Божиќ. Одбивам да шетам со цревата во раце, да гледам како нестручно ме оперирате, сечете и шиете, како ми гнојат раните и да се прашувам колку ли ќе ме боли кога ќе дојдам на себе. Не сакам седативи. Не сум купче протоплазма. Имам волја и разум и ја преземам одговорноста за својот живот. („Дупло дно“)

Димитрија: Да знаев какви ќе излезете, ќе ве издркав во чаша. Ебави младоста. Сè ќе запустите. Не признавате ни ѓавол ни бог. Немате ред ни во главите ни во телата…  („Диво месо“)

Коментирај