28 јуни 1914, атентатот на Франц Фердинанд ја најавил Првата светска војна
Австрискиот надвојвода и принц Франц Фердинанд, престолонаследник на Австроунгарија, бил убиен во атентат заедно со сопругата Софи додека бил во посета на Сараево.
Фердинанд отпатувал во главниот босански град за да ја провери состојбата на австроунгарската војска во анексираната Босна и Херцеговина. Токму присвојувањето на Босна и Херцеговина од страна на Австроунгарија го разлутила српското население, па посетата на надвојводата ја искористил 19-годишниот Гаврило Принцип кој одблиску ги застрелал двајцата додека нивната поворка минувала низ градот.
Атентатот веднаш го размрдал регионот: Австроунгарија ја обвинила српската Влада за убиството и точно еден месец по атентатот ѝ објавила војна на Србија, со што почнала Првата светска војна.