3 март 1878, во Сан Стефано почнала поделбата на Балканот
На денешен ден во 1878 година бил потпишан Санстефанскиот мировен договор помеѓу Руското Царство и Отоманското Царство склучен на крајот од Руско-турската војна (1877-1878).
Наречен бил Санстефански според селото Сан Стефано западно од Истанбул, каде бил потпишан, и кое денес е населбата Јешилќој во самиот град. Го потпишале Никола Павлович Игнатиев и Александр Нелидов од страна на Руското Царство и министерот за надворешни работи Сафет Паша и Амбасадорот во Германија Садулах Беј од страна на Отоманското Царство.
Единствена задоволна страна по договорот била Бугарија која добила нереално голема територија на која не ни живееле мнозинство Бугари. Ја добила речиси цела Македонија освен Солун, делови од денешна Албанија, Србија и Грција. На договорот се спротивставиле Австроунгарија, Велика Британија и Франција, по што по неколку месеци бил потпишан нов со нова територијална поделба.
Со договорот независност добила Србија кон која биле припоени и градовите Ниш и Лесковац. Црна Гора ги добила Никшиќ, Подгорица и Бар. Отоманското Царство ја признало независноста на Романија, а на Русија ѝ отстапило територии на Кавказот како воена репарација.
Морските теснеци Босфор и Дарданели биле прогласени за отворени за сите неутрални бродови во војна и во мир.