3 октомври 1990, се обединила Германија
Она што го најавило падот на Берлинскиот ѕид официјално се остварило на денешен ден откако парламентот на Источна Германија претходно го изгласал припојувањето кон Западна Германија.
Германија била поделена по завршувањето на Втората светска војна со тоа што зоните окупирани од САД, Обединетото Кралство и Франција ја создале Западна Германија со главен град Бон, додека советската зона станала Источна Германија со главен град Источен Берлин. Всушност, имињата Западна и Источна биле неофицијални и само за полесно разликување. Западна Германија всушност се викала Сојузна Република Германија (Bundesrepublik Deutschland), често и како скратено БРД, додека Источна Германија за официјално име го имала Германска Демократска Република (Deutsche Demokratische Republik), или скратено ДДР.
Со обединувањето на двете држави се обединил и поделениот град Берлин.
Денес општо прифатено е дека Германија е наследник на Западна Германија и на Германија од пред поделбата и дека Источна Германија всушност се инкорпорирала во неа.