31 август 1997, загина принцезата Дијана
Принцезата Дијана загина во сообраќајна несреќа на денешен ден, 31 август, во 1997 година, во Париз, заедно со нејзиниот партнер Доди Ал-Фајед и возачот Хенри Пол, додека телохранителот Тревор Рис-Џонс беше единствен преживеан во несреќата.
Родена на 1 јули 1961 година во селото Сендрингем во источниот дел на Англија, како Дијана Френсис Спенсер, подоцна позната како Дијана, принцезата од Велс, или едноставно Лејди Ди. За принцот Чарлс се омажила во 1981 година станувајќи член на британското кралско семејство, но и меѓународно позната личност. Двојката се разведе во 1996 година.
Дијана остана позната по нејзината добротворна работа, како и за поддршката на Меѓународната кампања за забрана на нагазни мини. Од 1989 година беше претседател на болницата за деца Ормонд Стрит.
И пред својата трагична смрт беше омилена личност кај британската јавност, што често предизвикуваше негодување кај кралското семејство. Нејзината популарност особено се зголеми по нејзината смрт.