31 јануари 1945, основан бил Македонскиот народен театар
Со решението број 581 на Президиумот на АСНОМ бил основан Македонскиот народен театар како Драмски театар, во истата зграда на предвоениот Народен театар „Крал Александар I“.
Првата драмска претстава ја прикажал на 3 април истата година. Тоа била драмската претстава „Платон Кречет“ од советскиот драматург Александр Корнејчук, а во режија на Димитар Ќостаров.
МНТ работел во истата зграда до земјотресот од 1963 година, кога таа била тешко оштетена и подоцна урната. Потоа се префрлил во привремениот објект Театар „Центар“ до изградбата на новата зграда на МНТ во 80-тите. Таа зграда денес ја користи Македонската опера и балет, а од 2013 година МНТ се всели во одново изградената стара зграда (со извесни измени) на кејот на реката Вардар.