Свет

35 патници повредени поради силна турбуленција – „Се разлетаа луѓе, сѐ почна да паѓа“

12. јули 2019 - 9:34 | А.С.

Најмалку 35 патници претрпеле помали повреди откако авион на Air Canada го зафатила силна турбуленција.

Авионот со 284 патници и членови на екипажот што сообраќал од Ванкувер кон Сиднеј морало вонредно да слета на Хаваи.

Медицински екипи им пружиле помош на повредените по слетувањето на аеродромот во Хонолулу вчера во 6 часот и 46 минути по локално време.

Авионот Boeing 777-200 го зафатила „неочекувана турбуленција при ведро небо... два часа откако го одминал Хаваи“, стои во соопштението од авиокомпанијата.

Оттаму додаваат дека патниците се сместуваат во хотели во Хонолулу додека да им биде обезбеден лет за Австралија.

„Наидовме на турбуленција и сите удривме во таванот. Се разлетаа луѓе, сѐ почна да паѓа“, вели Џес Смит, патничка на летот.

Што е турбуленција при ведро небо?

Турбуленција при ведро небо (CAT - Clear Air Turbulence) се случува кога небото е мирно, ведро, без облаци, предизвикана кога ќе се судрат воздушни маси што се движат со различни брзини и претставува појава што не може да се забележи ни со голо око, ниту да се „фати“ на радар.

Пилотите ги користат извештаите од другите авиони што ги добиваат преку Контролата на летање, па на тој начин ги одбегнуваат овие турбуленции, кога е тоа можно или барем ги предупредуваат патниците и екипажот дека ќе следи турбуленција.

Коментирај