Зборувањето за интимното здравје може да биде непријатно, но не треба да биде. Важно е да се јавите кај вашиот лекар ако се сомневате дека нешто не е во ред.
Забележувањето на првичните знаци и симптоми е клучно за раната дијагноза и третман. Подолу наведуваме пет симптоми кои ниту една жена не смее да ги игнорира.
„Секој вид на абнормално крварење треба да се испита, но крварењето помеѓу менструацијата, крварењето по сексуален однос или постменопаузалното крварење може да биде знак за рак на грлото на матката, а може да се појави и кај други гинеколошки карциноми“, изјави гинекологот Нарендра Писал за The Independent.
„Ракот на вулвата често се манифестира како грутка, испакнатина или чир што лесно може да се почувствува. Ако грутката не поминува, дефинитивно треба да се јавите кај вашиот лекар“, објаснува д-р Писал.
„Постојаното чешање во интимната зона може да биде знак за габична инфекција, но понекогаш тоа е преканцерозен знак на рак на вулвата. Оваа состојба може да се манифестира и како чувствителност на вулвата, болка или чувство на печење“, предупредува Писал.
„Сите имаме денови кога се чувствуваме подуени, особено во одредени периоди од циклусот, но ако се чувствувате така постојано, тоа може да биде знак за рак на јајниците. Некои жени со овие симптоми опишуваат дека не можат да „влезат“ во фармерки или панталони што вообичаено ги носат, но не забележале дека се здебелиле, всушност, можеби имало губење на тежината“, вели д-р Писал.
„Иако повеќето жени се навикнати на абдоминална болка, по 45-тата година нападот на абдоминална болка може да биде знак за рак на јајниците и треба да се побара лекарска помош. Пред 45-тата година поверојатно е дека болките во стомакот ќе бидат далеку помалку застрашувачки и може да се резултат на инфекција или друг гинеколошки проблем како што е ендометриозата, за која е потребен и преглед од гинеколог“, посочува докторката.
Ако искусите некој од горенаведените предупредувачки знаци, важно е да не паничите бидејќи тие можат да бидат предизвикани од нешто многу помалку сериозно. Но, единствениот начин да бидете сигурни дека се е во ред е да посетите лекар и искрено да ги опишете вашите симптоми.