6 октомври 1014, умрел царот Самоил
Од ужасната глетка на своите ослепени војници, од срцев удар умрел царот Самоил.
Во битката кај Беласица на 29 јули 1014 година, која се водела помеѓу војските на Самоил и византискиот цар Василиј II, трупите на Самоил биле целосно поразени, а тој се спасил со бегство. По битката, византискиот цар наредил да се ослепат околу 15 илјади самоилови војници, а на секој стоти војник да му се остави по едно око за да ги води другите. Така, ослепените војници биле испратени назад кај својот цар.
Кога царот Самоил ги видел неговите ослепени војници како одат накај него, не можел да ја издржи таа глетка и паднал во несвест. Оние што биле присутни околу него успеале да го освестат и да му го вратат дишењето. Откако се освестил, побарал да се напие вода. Но, штом се напил од водата добил срцев удар и по два дена умрел. Претпоставките се дека умрел во Преспа, но тоа не е докажано, а другата варијатна е Прилеп.
Го наследил неговиот син Гаврил Радомир. Самоиловата држава постоела само 38 години, од 976 година до смртта на Гаврил Радомир во 1018 година.