7 јануари 1943, умрел Никола Тесла
Никола Тесла бил српски научник, истражувач и пронаоѓач на полето на електротехниката и радиотехниката, познат е како татко на наизменичната струја и бројни футуристички пронајдоци.
Се родил во Смилјан, Австроунгарија (денес Хрватска), во српска фамилија. Тесла е најпознат по своите револуционерни откритија во областа на електромагнетизмот кон крајот на XIX и почетокот на XX век. Патентите на Тесла и неговата теориска работа станале основа за формирањето на целокупниот систем на наизменичната струја, вклучувајќи го и конструирањето на полифазните системи (поточно трофазните), како и на индукциониот мотор, со кој се претворил во предводник на Втората индустриска револуција.
Современите проучувачи на ликот и делото на Тесла го нарекуваат „човекот што го измисли XX век“ и „светецот-заштитник на модерниот електрицитет“.
Иако бил номиниран за Нобелова награда, никогаш не го добил ова големо признание. Тесла се почитува и слави и во Хрватска и во Србија, а исто така и во неговиот трет дом - САД, чиј државјанин бил.