









8 март 2014, исчезнал малезиски авион со 239 луѓе
На денешен ден во 2014 година се случи една од најголемите мистерии во модерното време откако летајќи над Индискиот Океан му се изгуби секаква трага на летот 370 на Malaysia Airlines.
Авионот полетал од малезиската престолнина Куала Лумпур во 12:41 по полноќ и требало да слета во Пекинг во 6:30 часот. Но, во 1:07 бил испратен последниот автоматски сигнал за локацијата на авионот, а во 1:19 часот и последната гласовна порака од кокпитот до контролата на летање: „Добра ноќ, Малејжн три седум нула“.
Еден час откако авионот не слетал во Пекинг, Malaysia Airlines го прогласила за исчезнат. Не бил испратен сигнал за тревога, ниту било што друго што би навестило дека нешто се случило. Веднаш почнала потрага, прво во Тајландскиот Залив каде авионот летал кога бил загубен контактот. Потоа сателитските трансмисии покажале дека авионот залутал вон предвидената патека за лет, летајќи на запад кон Индискиот Океан. Многу држави испратиле помош во потрагата, но и по повеќе од година дена напори авионот не беше пронајден и до ден денес неговата судбина останува мистерија.
Во авионот имало 227 патници и 12 членови на екипажот. Луѓето биле од 14 различни држави, од кои најголемиот дел Кинези (153) и Малезијци (50).