Фудбал
ЗИМСКИ ТРАНСФЕР ПЕРИОД 2020

Адебајор со изненадувачки трансфер: ќе игра во Парагвај

12. февруари 2020 - 14:39 | Ф.З.

Најдобриот парагвајски клуб се пофали дека го ангажирал познатиот голгетер Емануел Адебајор.

Најтрофејниот парагвајски клуб, Олимпија од главниот град Асунсион, е следната дестинација на тогоанската легенда Емануел Адебајор. Претседателот на клубот, Марко Тровато, синоќа прв на Twitter го најави изненадувачкиот трансфер, а денеска и самиот клуб официјално потврди.

За Адебајор ова е прва авантура надвор од Европа откако на Стариот континент дојде во 1999 година од редовите на својот матичен блуб во Того, Агаза. Почна во Мец, па преку Монако дојде до Арсенал каде најмногу се прослави. Следуваа Манчестер Сити, Реал Мадрид, Тотенхем, Кристал Палас, а од 2017 се пресели во Турција каде играше за Башакшехир и последно за Кајсериспор. Во Олимпија ќе го носи дресот со број 25.

Иако за 14 дена ќе наполни 36 години, сѐ уште се нема повлечено од репрезентацијата на Того за која настапи и на Мундијалот во 2006.

Формиран во 1902 година, Олимпија не само што е најдобриот клуб во Парагвај со освоени 44 титули во домашното првенство, туку и важи за еден од најреномираните во цела Јужна Америка. Три пати ја има освоено Копа Либертадорес од кои последен пат во 2002, а во 2013 загуби во финалето.  Има и титула светски шампион од 1979 година.

Адебајор во Олимпија за партнер во нападот ќе ја има легендата Роке Санта Крус кој со 38 години е капитен на тимот.

Во новата сезона од Копа Либертадорес парагвајскиот шампион ќе игра во групата Г заедно со бразилскиот Сантус, еквадорскиот шампион Делфин и агентинското изненадување Дефенса и Хустисија. Олимпија на 4 март сезоната ја отвора со гостување во Еквадор.

Коментирај