Висок НАТО адмирал денеска ги повика бизнисмените да подготват „воено сценарио“ и да го прилагодат своето производство и дистрибуција за да бидат што помалку изложени на руска и кинеска уцена.
„Ако можеме да ги обезбедиме сите производи и услуги, тоа е клучен дел од нашето одвраќање“, рече во Брисел шефот на воениот комитет на НАТО, холандскиот адмирал Роб Бауер.
Говорејќи на конференцијата на тинк-тенкот European Policy Center, тој рече дека одвраќањето вклучува повеќе од само воени способности, бидејќи сите достапни инструменти се користат во војна.
„Сведоци сме на сè повеќе саботажи и Европа веќе го доживеа тоа во снабдувањето со енергија“, рече Бауер.
„Мислевме дека имаме договор со Газпром, но всушност имавме договор со г-дин Путин. Истото важи и за кинеската инфраструктура и производи. Ние всушност имавме договор со г-дин Си“, додаде тој.
Бауер предупреди на зависноста на Западот од Кина, од каде потекнуваат 60 отсто од ретките метали, а 90 отсто од нив се обработуваат. Од Кина пристигнуваат и хемиски состојки за седативи, антибиотици, антиинфламаторни и лекови за висок крвен притисок.
„Ние сме наивни ако мислиме дека Комунистичката партија нема да ја искористи оваа моќ. Бизнисмените од Европа и Америка мора да разберат дека деловните одлуки што ги носат имаат стратешки последици за нивните земји“, рече Бауер.
„Бизнисмените треба да подготват воено сценарио и да го приспособат своето производство и дистрибуција на тоа. Армијата ги добива битките, а стопанствата ги добиваат војните“.