Култура

Агенција за филм: Историски настан за македонската кинематографија

13. јануари 2020 - 16:34 | МИА

Скопје, 13 јануари 2020 (МИА) – Ова е историски настан за македонската кинематографија. Првпат и во историјата на Оскарите се случува документарен филм да биде номиниран во две категории. Ремек-делото од документарец, кој во изминатава година освои неброени награди и признанија, а главниот лик пчеларката Атиџе стана симбол за подигање на свесноста за природата и воопшто етиката и човечноста, се доближи до врвното светско филмско признание, соопшти Агенцијата за филм откако попладнево Американската филмска академија објави дека документарниот „Медена земја“ е номиниран во двете категории во кои беше во потесен избор – за докуменрарец и за интернационален филм.

Тимот на „Медена земја“  се огласи со соопштение на официјалната Facebook страница во кое се заблагодарува на Американската академија (AMPAS) за тоа што го вклучи филмот во трката за најпрестижната филмска награда на светот.

– Пред сѐ, би сакале да се заблагодариме на членовите на Американската академија (AMPAS) за тоа што го вклучи „Медена земја“ во трката за најпрестижната филмска награда на светот. Преку жената која случајно ја сретнавме, пред светот се отвори приказна – алегорија на една глобална слика каде хуманото и натуралното се борат да преживеат. Атиџе и пчелите се прототип за новиот генетски материјал, кој треба да победи во битката на титаните, каде природата се бори со деструктивното. Среќни сме дека светските критичари и членовите на Академијата го препознаа крикот на планетата, кој ечи меѓу фрејмовите во филмот. Ја открија големината на човекот, преку големината на единката. Се разнишаа убедувањата дека радоста се крие во поседувањето. Уште еднаш, бескрајна благодарност до членовите на Акедемијата што филмот го нарекоа – материјал  заслужен за Оскар, пишува на Facebook страницата на „Медена земја“. 

Коментирај