Фудбал

Агентот на Кутињо пресече: Барселона да престане да лаже, треба да се знае вистината

14. јули 2019 - 12:42 | К.З.

Барселона заврши огромна работа со купувањето на Антоан Гризман од Атлетико Мадрид, но тоа ги остави играчите кои веќе беа во составот на шпанскиот шампион збунети, најмногу поради огромната конкуренција за местата во нападот. Еден од нив е Филипе Кутињо, кој веќе цела година се наоѓа на мета на критики и живее во неизвесност околу неговата иднина во клубот.

Во јануари 2018 Кутињо го напушти Ливерпул и направи трансфер во Барселона, но оттогаш неговите игри во новиот дрес не беа ни блиску до очекувањата, иако клубот се надеваше дека Бразилецот ќе биде идеална замена за Андрес Иниеста во средината на теренот.

Неговиот агент, Кија Јурабчијан, ја истакна фрустрацијата од трансфер-политиката на клубот и односот кој Барселона го има према Кутињо. Според шпанските медиуми, Бразилецот веќе се наоѓа на излезниот праг од Ноу Камп и само се чека вистинската понуда за него. Но, Јурабчијан вели дека работите не се така едноставни како што звучат.

„Генералниот директор Пеп Сегура минатата недела ме убеди дека Барселона нема намера да го продаде Филипе. Истото ми го повтори и претседателот на клубот, откако се договоривме дека нема да го испитуваме пазарот за потенцијален трансфер“, рече Јурабчијан за RMC Sport.

Веќе знаеме за раздорот помеѓу бордот на Барселона предизвикан од овогодинешниот преоден рок, па не е изненадување дека истата ситуација влијае и на позицијата на Кутињо во тимот. Некои луѓе од извршниот штаб не се согласуваат дека тој треба да остане во Барселона.

„Сепак, советникот на клубот кој работи во Бразил, Андре Кури, делува на различен начин и веќе е во потрага по понуда преку која Кутињо би завршил во ПСЖ, а Нејмар ќе се врати во Барселона. Молчев досега, но не смеам да дозволам клубот да го лаже мојот клиент. Доколку Барселона сака да го продаде Кутињо, мора да ми го кажат тоа, а потоа јас и тој ќе одлучиме што е најдобро за неговата иднина“, додаде Јурабчијан.

Коментирај