Македонија

Ахмети дојде во судот да сведочи за „Монструм“

21. февруари 2020 - 10:29 | МИА

Скопје, 21 февруари 2020 (МИА) – Претседателот на ДУИ Али Ахмети претпладнево пристигна во Кривичниот суд каде треба да сведочи на рочиштето за петкратното убиство кај Смилковското Езеро. Ахмети дојде во судот во придружба на Артан Груби и уште неколку лица.

Освен Ахмети, како сведок треба да се појави и неговиот сопартиец, обвинителот Џелал Бајрами, кој во 2012 година, кога се случи немилиот настан кај Смилковско Езеро ја вршеше функцијата заменик-министер за внатрешни работи.

На претходните рочишта за случајот „Монструм“ сведочеа и лидерот на СДСМ Зоран Заев и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Судскиот процес го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

Коментирај