Скопјани денеска првпат во историјата на главниот град немаат градски превоз, а причината се политички препукувања.

Откако синдикатите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ вчера најавија дека од 4:30 часот наутро автобусите нема да возат, „крвотокот на Скопје“ официјално запре.
Дали тоа значи дека го губиме пациентот? Или само има тромб од кој не може да се ослободи и кој го спречува да функционира?
Проблемот со неисплатените плати на вработените во ЈСП вчера беше тема и на вонредната седница на Советот на Град Скопје каде доцна попладнето беше изгласа иницијатива со која се побара од градоначалничката на Град Скопје до петок до 12 часот да достави одлука за прераспределба на средства за да се исплатат платите. Од синдикатите изјавија дека градоначалничката Данела Арсовска требало да ја донесе одлуката вчера, затоа што, според нив, петок е многу доцна. Следната седница на Советот е закажана за денеска во 14 часот, но постојат можности и денеска да биде свикана вонредна седница на градскиот Совет доколку биде доставена одлуката.
И додека траат политичките препукувања и играта на суети, скопјаните кои зависат од градскиот превоз се парализирани, гневни и беспомошни – каде побрзо да го насочат незадоволството?
Твитер-сферата, која може да се нарече „Македонија во мало“, има што да каже на темата – од осуди во сите правци, до емпатија со вработените во ЈСП и потсетувања дека запирањето на јавниот превоз значи и дека илјадници луѓе не можат да стигнат на работа, во најмала рака.