Овој вид „волан“ го имавме видено и претходно на тркачки автомобили и вселенски бродови, а сега пристигна во освежените модели на Tesla.

Првите примероци на рестилизираниот Model S стигнаа до рацете на клиентите, па сега имаме можност да видиме каква е употребата на т.н. волан yoke (прев. анг. јарем) при секојдневно возење.
Судејќи според најновите снимки, овој вид „волан“ е привлечен, но не многу практичен.
Велат дека ако нешто не е расипано, не треба да се ообидувате да го поправите. Воланите на автомобилите се кружни повеќе од еден век, па Tesla сега одлучи дека треба да се „поправат“. Прво го воведоа електричниот погон на голема врата, а сега ја укинуваат кружната форма на воланот.
Дури и воланите со зарамнет долен дел беа нешто покомплицирани за користење во пракса, па сосема е јасно дека ваков волан бара барем некое време за привикнување.
Острите свртувања се особено проблематични, како на пример на раскрсниците. А да не зборуваме за полукружно вртење.
Еден корисник на освежениот Model S вели дека воланот има точно 2,25 круга на ротација помеѓу крајните точки, односно 800 степени, што е двојно повеќе од болидот на Формула 1, и многу близу до 900 степени во автомобили со класичен волан.
Погледнете го видеото и проценете сами колку е функционален новиот волан на Tesla: