Свет
ВУХАН ПОД КАРАНТИН, ВИРУСОТ ЗАБРЗАНО СЕ ШИРИ

Алармантни снимки од кинеските болници: Паника и бес поради корона вирусот

24. јануари 2020 - 10:35 | А.С.

Опасниот нов вид на корона вирус се шири низ градовите во Кина, а Вухан, местото од каде почна заразата од вчера е под карантин.

Брзото ширење на болеста предизвика паника кај граѓаните на Кина, а во болниците се случува вистински хаос поради големиот број примени пациенти, но и загрижени граѓани кои доаѓаат да се осигураат дека не се носители на опасниот, смртоносен вирус.

На социјалните мрежи веќе кружат алармантни видеа кои сведочат за паниката и хаосот во кинеските болници.

На едно видео во болница во Вухан, град од 11 милиони жители, се слуша гласот на вработена која се обидува да ги стиши пациентите во ходник за да ги слушнат нејзините упатства како да дојдат до нивните резултати од тестирањата.

Чувството на паника во Вухан е засилено од самиот факт дека градот е под карантин и забрането е влегување и излегување од метрополата, улиците се празни, исто како и полиците во супермаркетите, а граѓаните се движат наоколу само ако мораат и тоа со маски на лицата.

Бројот на заразени од новиот тип на корона вирус во централна Кина се зголеми на 830, а досега починаа 25 лица, објавија утринава државните кинески медиуми.

Истовремено, кинеската провинција Хубеј во која вирусот се појави, побара поголема финансиска помош од државните власти. Засега во 10 градови на провинцијата Хубеј е прекинат јавниот транспорт.

Градот Вухан забрзано гради нов стационар со илјада кревети за заболените, мобилизирајќи механизација од страна на приватниците.

Новиот вирус и припаѓа на групата вируси кои предизвикаа САРС, болест од која пред 17 години умреа 800 лица ширум светот, а исто така почна да се шири од Кина.

Коментирај