
Албанскиот премиер Еди Рама денеска потврди дека неговата земја ќе го забрани TikTok на една година, велејќи дека тоа е „внимателно разгледана одлука“ и отфрлајќи ги барањата на социјалната мрежа за „појаснувања“.
Во саботата, Рама објави едногодишна забрана за TikTok, почнувајќи од 2025 година.
„Една година целосно ќе го затвориме за сите. Нема да има TikTok во Албанија“, најави премиерот.
Одлуката е донесена откако школски другар уби 14-годишно момче со нож во ноември. Локалните медиуми објавија дека убиството се случило по нивната расправија на социјалните мрежи, а на TikTok се појавиле објави на малолетници кои го поддржувале насилството.
Социјалната мрежа во сопственост на кинеската компанија ByteDance побарала итно „појаснување“ од албанската влада, пишува агенцијата France Presse.
„Во врска со гореспоменатиот трагичен инцидент, не најдовме докази дека сторителот или жртвата имале профили на TikTok, а извештаите сугерираат дека видеата поврзани со овие инциденти биле објавени на платформа различна од TikTok“, рече портпаролот на мрежата.
Неколку европски земји веќе воведоа ограничувања за користење на социјалните мрежи за малолетници. Во светот најдалеку отиде Австралија, која во ноември гласаше за целосно забрана на социјалните мрежи за оние помлади од 16 години, пишува Reuters.