Актерот Алек Болдвин, кој ненамерно уби снимателка при снимање филм, играл „руски рулет“ ракувајќи со оружје без да ги следи безбедносните правила утврдени во филмската индустрија. Ова се наведува во новата тужба поднесена против него и продуцентите на филмот.

Мами Мичел, помошничка на сценаристот на филмот „Rust“, на чие снимање беше убиена снимателката Халина Хачинс, е вториот член од тимот кој поднесе тужба против Болдвин и продуцентите. Мичел, која повикала брза помош веднаш по несреќата, изјави дека страда од емоционален шок и други проблеми.
Таа вели дека според сценариото, воопшто немало потреба тој да пука во моментот кога е убиена Хачинс.
– Настаните што доведоа до пукањето на Болдвин не се резултат на едноставно невнимание, изјави адвокатката на Мичел пред новинарите во Лос Анџелес. – Напротив, мислиме дека Болдвин избра да игра руски рулет ракувајќи со оружјето, без да го провери, рече таа.
Тужителите сметаат оти неговото однесување и она на продуцентите на „Rust“ било опасно.