Холивудскиот актер Алек Болдвин пукал од реплика на пиштол на филмски сет во Ново Мексико, а во таа прилика ја убил директорката на фотографија Халина Хачинс и го ранил режисерот Џоел Соуза, соопштија локалните власти.

Смртоносниот инцидент се случил за време на снимањето на независниот игран филм „Rust“, соопшти канцеларијата на шерифот на округот Санта Фе, пренесува Reuters.
„Од канцеларијата на шерифот потврдуваат дека за време на снимањето на 'Rust' биле застрелани две лица. Халина Хачинс (42), директорка на фотографија и Џоел Соуза (48), режисер, биле застрелани кога Алек Болдвин (68), продуцент и актер, испукал истрел од огнено оружје“, се вели во соопштението на полицијата.
Според властите, Хачинс со хеликоптер била пренесена во болницата на Универзитетот во Ново Мексико, каде била констатирана смрт, додека Соуза со возило на брза помош бил пренесен во регионалниот медицински центар Кристус Сент Винсент, каде што бил подложен на третман за повреди.
Засега не е познато колку се сериозни повредите на Соуза.
Во извештајот на американската медиумска куќа Variety се наведува дека пукањето се случило на ранчот Бонанса Крик, продукциска локација јужно од градот Санта Фе.
Сѐ уште не е поднесено обвинение во врска со инцидентот, соопшти полицијата, додавајќи дека го истражува пукањето.
Во „Rust“ Болдвин го игра ликот на злогласниот вестерн одметник Харланд Раст. Во филмот глумат и Ренсис Фишер, Џенсен Аклс и Трејвис Фимел.