Легендарниот менаџер на Манчестер Јунајтед сер Алекс Фергусон е обвинет за местење натпревар, а италијанскиот агент Џузепе Паљара тврди дека англискиот стратег го направил тоа „за еден златен Rolex од 30.000 фунти“ и тоа за натпревар од Лигата на шампиони.
Паљара, познат како Пино, го обвинува Фергусон дека ја наместил средбата на неговиот Јунајтед против Јувентус. Ваквата скандалозна изјава тој ја даде на суд каде е изведен по обвинение за подмитување.
Паљара (64), според италијанските медиуми, изјавил дека Фергусон често „заработувал“ од трансфери на разни играчи, обвиненија во кои ги вмеша и поранешниот помошен тренер на Барнсли Томи Рајт и фудбалскиот менаџер Дакс Прајс, кои негираат дека се виновни.
Тој додаде дека Фергусон „соработувал само со агенти кои ги делеле парите со него“.
Паљара исто така рекол дека „99 проценти од луѓето во фудбалот би продавале автомобили на старо да не се во спортскиот бизнис“, а додал и дека отворил бројни банкарски сметки во Швајцарија за многу менаџери.
Се очекуваат нови информации понатаму во судењето.