Фудбал

Александер-Арнолд: Заха е потежок за чување од Роналдо и Нејмар

22. октомври 2018 - 11:18 | К.З.

Иако само 20-годишен, Трент Александер-Арнолд веќе има огромно искуство зад себе и во текот на кратката сениорска кариера имаше шанса да им се спротистави на некои од најдобрите фудбалери во светот.

Александер-Арнолд во 2018 година играше финале во Лигата на шампионите, отпатува со репрезентацијата на Англија на Светското првенство и сега е во борба за шампионската титула во Премиер лигата. И покрај сите овие искуства во кариерата, тој тврди дека Вилфред Заха му предзвикува најмногу проблеми кога нивните тимови ќе играат еден против друг.

Според Трент Александер-Арнолд, најтешкиот противник за чување крилниот напаѓач на Кристал Палас, Вилфред Заха. Десниот бек на Ливерпул во минатата и ова сезона се соочи со некои од најголемите играчи во фудбалот, но за него најтешката задача е да се одбрани голот од Заха, кој во последните три сезони е вистинска ѕвезда во Кристал Палас.

„Кога е во форма, Заха е најтежок за чување. Неговата физичка подготвеност е импресивна. Не можеш да му ја земеш топката, тешко е да го бутнеш, брз е и има одлична техника, знае да постигне гол но знае и да го намести“, вели Александер-Арнолд.

Вилфред Заха се покажа како еден од најнезгодните играчи во Премиер лигата и голем број од противничките бекови се многу претпазливи кога играат против него. Неговата брзина комбинирана со одличниот дриблинг го прават животот на противничките дефанзивци многу потежок, што се докажа и вчера, кога успеа да изнуди пенал за Кристал Палас во натпреварот против Евертон.

„Кога ги чував Нејмар и Роналдо можев да забележам дека се многу интелигентни фудбалери. Луѓето знаат колку се тие опасни, имаат огромен број потези и знаат да постигнат гол, но кога играа против нас не доаѓаа често во контакт со топката. Секако дека Заха не е на нивото на Нејмар и Роналдо, но за мене тој беше најтежок играч за чување“, додава Александер-Арнолд.

Ливерпул се наоѓаат во борба за првото место на табелата во Премиер лигата заедно со Челзи и Манчестер Сити, а се враќаат на терените уште во вторник, кога на домашен терен го пречекуваат тимот на Црвена Ѕвезда во рамките на групната фаза од Лигата на шампионите.

Коментирај