Тенис

Алфа предатор - Новак Ѓоковиќ

16. јули 2019 - 14:54 | А.С.

Предатор или грабливец е животно кое го лови својот плен и јаде други животни. Апекс предатор или Алфа предатор е оној кој не е жртва на други предатори.

Во светот на тенисот, Алфа предатор – оној кој е на врвот на „синџирот на исхрана“ – е Новак Ѓоковиќ, констатира Луиза Томас, колумнистка на New Yorker.

Ѓоковиќ во неделата го освои 16-тиот Грен слем, по петти пат Вимблдон, ја одбрани ланската титула и по трет пат го надигра големиот Роџер Федерер во финалето на најпрестижниот турнир на светот.

„Дојде во финалето на Вимблдон против Роџер Федерер како бранител на титулата. Освои три од последните четири Грен слема. Тој е светски број 1. Разликата меѓу него и второпласираниот Рафаел Надал е слична на разликата меѓу Шпанецот и осмопласираниот играч на светот Кевин Андерсон. Дојде да го освои 16-тиот Грен слем што го донесе на две титули од Надал, втор во историјата и само четири зад Федерер, кој е пет години постар од него. Несметајќи го едногодишниот пад што го заврши со освојувањето на Вимблдон лани, тој е најдоминантниот тенисер во изминатава деценија“, пишува Томас.

Меѓутоа, на патот кон финалето, ретко кој зборуваше за Ѓоковиќ. Во поголемиот дел од неговата кариера тој бил потценуван, сметан за натрапник, смета таа.

„Има многу причини за тоа и кога во неделата го победи Федерер со 7:6 (5), 1:6, 7:6 (4), 4:6, 13:12 (3), уште еднаш покажа колку му одговара улогата на ‘андердог’ и повторно го отвори прашањето за тоа што значи најдобар на сите времиња. На крајот на краиштата, Федерер во поголемиот дел од мечот изгледаше како подобриот играч, но на крајот тоа ништо не значеше“, заклучува Томас.

„Ѓоковиќ не изгледаше секогаш најдобро, но беше премногу флексибилен за да се скрши. Ѓоковиќ често се смета за ‘Алфа предатор’. Веќе долго време е на врвот на тенискиот синџир на исхрана, најдобар меѓу најдобрите што некогаш биле видени во овој спорт. Тоа значи дека е единствениот играч кој може да го победи е самиот тој. Во неделата не беше многу важно колку е одличен Федерер. Ако не може да бидеш победен, тогаш ќе победиш“, истакнува Томас.

Коментирај