Македонија

Али Ахмети ќе сведочи во судењето за „Монструм”

19. февруари 2020 - 18:03 | МИА

Скопје, 19 февруари 2020 (МИА) – Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, и обвинителот Џелал Бајрами, ќе сведочат на следното рочиште за случајот „Монструм”, кое е закажано на 21 февруари (во петок).

Адвокатот на дел од обвинетите во овој предмет Асмир Алиспахич, за МИА ја потврди веста дека Ахмети и Бајрами ќе сведочат, но дополни дека сведочењето на вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, сè уште не е потврдено заради службено патување.

На денешното рочиште за петкратното убиство во Смилковското Езеро, на 12 април 2012 година, сведочеа поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, и тогашниот директор на Бирото за Јавна Безбедност, Љупчо Тодоровски, познат по прекарот Радник.

За овој случај треба да сведочи и Синиша Алексовски, советникот за безбедност во кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов. Тој исказ во судот треба да даде на 27 февруари.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

Обвинението за овој предмет го застапуваат обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, додека судењето го водат судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани.

Коментирај