Поминаа повеќе од две децении откако Лара Крофт се појави во видеоиграта Тomb Raider и стана легендарната бестрашна хероина олицетворена од прекрасната Анџелина Џоли во филмот Lara Croft:Tomb Raider во 2001 година.
Сега се подготвува ново филмско портретирање на легендарниот лик од оскаровката Алисија Викандер. Првиот поглед на сетот за филмот што ќе има премиера догодина открива нова верзија на нејзиниот стил на авантуристка што во духот останува верен на оригиналот.
Иако изгледот на Крофт се менуваше од игра во игра, најдраматичната промена беше во 2013 година кога Tomb Raider го освежи серијалот со приказна за потеклото.
Со помош на костимографите Колин Атвуд и Тимоти А. Вонсик, верзијата на Викандер многу потсетува на таа игра, каде главниот лик е млада, многу поранлива жена на само 21 година.
Во сцените снимени во Јужна Африка може да се види дека нејзината облека е многу попрактична од секси комбинацијата на Џоли.
Ги нема веќе ултракратките шорцеви од спандекс и заменети се со маслинесто зелени карго панталони, спуштени и стегнати со кожен ремен.
Кратката маичка што го покажува вајаното тело на Викандер и црните војнички чизми го заокружуваат изгледот на една модерна Лара Крофт, која секако, е силна и бестрашна.