Првата голема серија на Amazon, според најавите, ќе биде најскапа во историјата на телевизијата, оставајќи ги зад себе „The Crown“ и „Game of Thrones“.
Американската ТВ-платформа Amazon за снимањето на првата сезона на серијата „The Lord of the Rings“ планира да потроши околу 465 милиони долари, пишува Hollywood Reporter. Серијата најверојатно ќе има неколку сезони.
Снимањето веќе започна во Нов Зеланд. Во претходните процени се спомнуваа околу 500 милиони долари за производство на повеќе сезони, но не се спомнуваа трошоците од 250 милиони долари за авторските права на наследникот на писателот Џон Роналд Руел Толкин.
„Ова е фантастично, ова ќе биде најголемата телевизиска серија некогаш направена“, изјави Стујарт Неш, министер за економски развој и туризам на Нов Зеланд.
Дејството во серијата ќе се одвива илјадници години пред настаните во „The Lord of the Rings“ и „The Hobbit“, во период на подеми и падеми на кралствата.
Актерската екипа ја сочинуваат Роберт Арамајо, Назанин Бониади, Морфид Кларк, Исмаел Круз Кордова, Ема Хорват и други.