Во своето прво интервју по завршувањето на судењето пред две недели, Амбер Херд рече дека разбира зошто поротата пресудила во корист на нејзиниот поранешен сопруг Џони Деп.
„Не ги обвинувам“, рече Херд во најавата за интервјуто во емисијата „Today“, кое го објави NBC.
„Всушност, разбирам. Тој е омилен лик и луѓето мислат дека го познаваат. Тој е фантастичен актер“, рече таа за Деп.
Од најавата за интервјуто може да се заклучи дека Херд зборувала за активностите на социјалните мрежи поврзани со тужбата и го опишала следењето на случајот на интернет како „нефер“, пренесува NBC.
„Не ми е гајле што мисли некој за мене или какви пресуди сакате да донесете за она што се случило во приватноста на мојот дом, во мојот брак, зад затворени врати. Мислам дека просечниот човек не треба да ги знае тие работи. И затоа лично не ми е јасно“, рече таа.
„Но, дури и некој кој е сигурен дека ја заслужувам сета оваа омраза и гнев, дури и ако мислиш дека лажам, сепак не би можеле да ме погледнат во очи и да ми кажат дека мислат дека имало фер претставување на социјалните мрежи. Не можете да ми кажете дека мислите дека ова е фер“, додаде таа.
По шест недели сведочење пред судот во округот Ферфакс, Вирџинија, поротниците заклучија дека и Џони Деп, и Амбер Херд се одговорни за клевета еден против друг.
Деп доби 15 милиони долари отштета откако поротата заклучи дека Херд го наклеветила во текст за Washington Post. Деп, исто така, беше прогласен за одговорен за клевета против Херд, а поротата ѝ додели на ѕвездата на „Aquaman“ 2 милиони долари отштета.
Деп првично поднесе тужба за клевета против Херд како одговор на написот што таа го напиша за Washington Post во кој детално го опишува нејзиното искуство со семејно насилство.
Во јануари 2021 година, Херд го тужеше Деп за 100 милиони долари, откако еден од адвокатите на Деп тврдеше дека нејзините обвинувања за сексуална злоупотреба се „измама“.