Фудбал

Американската полиција побара ДНК од Роналдо поради тужбата за силување

11. јануари 2019 - 9:01 | А.С.

Полицијата во Лас Вегас има налог со кој се бара од португалскиот фудбалер на Јувентус Кристијано Роналдо да даде ДНК примерок за потребите на истрагата по обвинение за силување.

Адвокатот на 33-годишниот Роналдо, Питер С. Кристијансен, за BBC изјави дека се работи за стандардно барање, а Wall Street Journal објави дека налогот е испратен до правосудниот систем на Италија, каде сега живее Роналдо.

Фудбалерот ги отфрла обвиненијата дека ја силувал Кетрин Мајорга во хотел во Лас Вегас во 2009 година.

„Роналдо како и секогаш тврди дека настаните во Лас Вегас се случиле со согласност од двете страни, така што нема да биде изненадување присуство на негова ДНК, како што не изненадува ни ова стандардно барање во рамки на истрагата“, изјави Кристијансен.

Германски Der Spiegel прв ја објави приказната за обвиненијата уште во октомври, откривајќи дека Мајорга го пријавила наводниот инцидент во полиција уште истата вечер.

Во 2010 година била постигната вонсудска спогодба според која Роналдо ѝ исплатил 375.000 евра на Мајорга во замена за нејзиното молчење за настаните од таа вечер.

Адвокатот на Роналдо тврди дека тој договор не значи признавање вина.

Коментирај