Ана Ежова ја оживеа колекцијата Mellow на Евгенија Зафировска
Познатата модна дизајнерка Евгенија Зафировска претстави над триесет уникатни креации под етикетата на брендот „EZ“, кои се наменети како за домашниот пазар, така и за љубителите на нејзината естетика во странство. „Меllow“ е симболичниот назив на новата колекција потпишана од македонската дизајнерка, чиишто текстури и волумени навидум еволуираат низ визуелни контексти без ограничувања и хоризонти. Триесетината модни парчиња се повеќенаменски, изработени во целост од природни материјали и со кроеви што ѝ ласкаат на формата на телото.
Во понудата на дизајнерката која живее и создава на релација Скопје-Љубљана, одново доминираат минимализмот и геометриските форми, како нејзин препознатлив стилски печат. Асиметричните креации се подеднакво нежни и впечатливи, со мека палета на тонови во која преовладува белата боја.
„Инспирација ми беше новата (не)реалност, кадешто ни се чини како времето да е во мирување. На површината сме решителни и смели, а во длабочината ранливи и кревки. „Mellow“ претставува моја идејна колекција за сегашноста, а воедно е и интимен осврт кон иднината, согледаани низ модна призма. Имав за цел да го одразам влијанието на околината, особено кога е нашата гардероба во прашање“, истакнува Зафировска.
Филозофијата на брендот „ЕZ“ е инвестирање во одржлива мода, преку изработката на парчиња облека кои немаат сезонски рок на траење, односно можат да се носат со години, во секакви пригоди и различни временски доба. Високиот квалитет, издржливоста на материјалите и безвременскиот дизајн се атрибути и на новата колекција „Меllow“.
За презентација на креациите на македонскиот пазар и во странство, дизајнерката подготви наменски каталог за сите модели. Уметнички директор на промотивната кампања е Милан Атанасов. Фотографиите се дело на креативното дуо Ангела Стојковска и Софи Лазовска од Frozen Time Drops, а во улога на заштитно лице се појавува манекенката Ана Ежова.
Колекцијата „Меllow“ од денес е достапна online на официјалната веб страница и социјалните мрежи на Евгенија Зафировска (Facebook/Instagram).