Женската репрезентација на Македонија ги започна подготовките за претстојните два натпревара против Молдавија од квалификациите за пласман на ЕУРО 2025 во Швајцарија.

Нашите репрезентативки ги очекува двомеч со селекцијата на Молдавија на домашен и гостински терен во рамките на групата 2 од Лигата Ц.
„Нѐ очекуваат два важни натпревари против Молдавија на домашен и гостински терен, се подготвуваме максимално, сакаме да го покажеме нашето најдобро светло. Очекувањата за овој натпревар се големи, целта да се издвојува победа на двата. Ќе одиме чекор по чекор, односно натпревар по натпревар. Очекувам да одиграме одличен натпревар тука во Скопје и се надевам дека ќе ги израдуваме нашите фанови“, вели селекторот Александар Андов.
„Ослабени сме со неиграњето на Гентјана Рочи, која се здоби со повреда на последниот натпревар за својот клуб, но од друга страна ќе претставува одлична прилика за друга фудбалерка која ќе настапи на нејзино место да се покаже во добро светло и да се наметне во репрезентацијата“.

„Овие два натпревара со Молдавија ќе бидат одличен тест за нас и за нашиот потенцијал. Верувам во моите фудбалерки и се надевам дека ќе оствариме две победи“, заврши Андов, кој на чело на репрезентацијата застана во март.
Првата средба со Молдавките ја имаме на 31 мај (петок) на Тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје со почеток во 17 часот. Вториот дуел ќе биде одигран на 4 јуни на стадионот „Зумбру“ во Кишињев од 19 часот.
Во првите два натпревара во април Македонија славеше со 4:3 на гости кај Латвија, а потоа загуби со убедливи 5:0 дома од фаворитот во групата, репрезентациајта на Словенија. Истовремено квалификациите се и Лига на нации 2024/2025.