Оваа сабота во кафе-книжарниците „Илика“ и „Буква“ ќе се случи новиот градски фестивал на „Култура Бета“, „Ре-култура“. Фестивалот е донаторски, е посветен од заедницата за заедницата и има за цел собирање средства за организирање настани и објавување на самостојни изданија на „Култура Бета“.
Во рамки на програмата на „Ре-култура“ ќе се одржат неколку настани каде што ќе се претстават повеќе млади уметници и културни работници. Програмата започнува на пладне во кафе-книжарницата „Илика“ кога ќе бидат отворени донаторскиот базар на стари книги, групната изложба на која што ќе учествуваат уметниците Бојан Звездаковски, Валентина Миладинова, Андреј Медиќ Лазаревски, Тамара Блажевска, Дона Илијевска, Дијана Велковска и Кристијан Јовановски, како и диџеј сетот на Ивана Јовановска.
Во 18 часот во „Илика“ ќе се случи разговор со Филипа Сара Попова, добитничката на наградата „Млада Струга“ на годинешното издание на Струшки вечери на поезијата, а програмата ќе продолжи во 21 часот со 11. издание на поетските читања „Поетска епизода“ на која ќе учествуваат младите поети Филипа Сара Попова, Стефан Спасовски, Нино Наумовски, Методија Тасевски, Марија Хана Трајкоска и Калиа Димитрова, а читањето ќе го модерираат Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски. Програмата ќе заврши со музички сет на Modem priest (Максимилијан Сарајлија) во 22:30.
„РЕ-култура бидејќи со овој настан пробуваме да ја РЕанимираме заедница и сите заедно да креираме настани; РЕ-култура бидејќи со овој настан РЕциклираме стари книги и им даваме втора шанса; РЕ-култура бидејќи со овој настан сакаме повторно и повторно да ја РЕстартираме културата во овој град; РЕ-култура бидејќи со овој настан ја РЕфрешираме македонската културна сцена со нови, млади, талентирани уметници; и најважно, РЕ-култура бидејќи со овој настан создаваме култура во неформални, алтернативни и јавни простори, сите заедно ги поддржуваме независните кафе-книжарници, ја ослободуваме младинската култура и бидејќи со ова сакаме да ја креираме, РЕ-креираме и анимираме заедницата – бидејќи само така се гради вистинска култура!“, истакнуваат од „Култура Бета“.
Низ историјата, младинската култура била катализатор за радикални промени во уметноста, општеството и мислата. Младите постојано воделе движења кои пркосат на постоечкото статус кво, им пркоселе на воспоставените норми и воведувале свежи културни наративи. Нивната работа ја отелотворува суровата енергија на промените, кршењето на бариерите и замислувањето иднини што воспоставениот поредок често не може да ги замисли. Младинската култура напредува со преиспитување на авторитетот и замислување алтернативи, а токму тој дух често го ревитализира јавниот дискурс и одново го измислува уметничкото изразување. Кога младите заземаат простор, тие не само што го слушаат својот глас, туку и редефинираат кој ќе учествува во обликувањето на културата.
Организацијата на нов фестивал за култура во главниот град, каде носечка енергија и содржина ќе бидат младите, беше повеќе од доволен повод да разговараме со Андреј Медиќ-Лазаревски, еден од организаторите.
Реанимираме, рефрешираме, рекреираме... така ја најавувате динамиката на новиот фестивал на Култура Бета. Што е во срцето на културата што чувствувате дека треба да се реанимира? Кои аспекти треба да се рефрешираат бидејќи одамна се во buffering mode? Каде ќе рекреирате, каде одново ќе создавате?
Културата во Скопје и во Македонија во последно време е многу активна благодарение на многу организации, фестивали, културни платформи кои постојано прават настани од сите области на културата. Сите ние заедно придонесуваме кон културната реанимација, културното рефреширање, културното рекреирање.
Токму затоа и овој нов, градски, фестивал го нарековме „Ре-култура“ бидејќи како младинска организација сметаме дека многу повеќе и повеќе треба да се вложува во културата на овој град – постојано! Сметаме дека со вклучувањето на куп млади луѓе во културните активност правиме едно освежување на културни случувања, ја помагаме културата на оваа земја.
Фестивалот ќе се случува во двете најубави кафе-книжарници во Скопје, книжарницата „Илика“ со денскиот дел од настанот и во кафе-книжарницата „Буква“ со вечерниот дел од фестивалот. Намерно ги избираме овие локации бидејќи и самите места постојано со својата програма работат на креирање заедница, како и поради нивната несомнена и секогаш отворена поддршка на младите уметници. Тука сакам и да им се заблагодарам на Катерина Шекутковска од „Илика“ и Александар Сандревски – Марсо од „Буква“ кои прифатија заедно да создаваме култура.
Фестивалот „Ре-култура“ е донаторски, е посветен од заедницата за заедницата и има за цел собирање средства за организирање настани и објавување на самостојни изданија на „Култура Бета“. Помислувам на повеќе аспекти одеднаш – прво, од заедницата за заедницата: Колку е потребна демократизација на културата и јавните простори?
Да, фестивалот е донаторски или што би рекле „crowdfunding“. Идејата ни е да „опипаме терен“ колку може ваков тип на работа да функционира во нашата средина. Сметаме дека културната средина кај нас е многу свесна и станува сѐ посвесна кога станува збор за заедничкиот влог во создавањето култура – токму затоа слоганот „од заедницата за заедницата“ ни е една од главните водилки додека работиме на „Ре-култура“. Морам да кажам дека првиот дел од фестивалот т.е. акцијата за донирање на стари книги помина одлично, повеќе од очекуваното, добивме илјадници книги (и тоа одлични наслови!) и многу сум благодарен за тоа.
Кога зборуваме за демократизација на јавните простори, таа е потребна исклучително многу!
Младинската култура има потреба од нови, јавни, слободни простори за креирање култура, а кафе-книжарниците се токму такви места.
Но овој фестивал има за цел да се проширува, да зазема простори кои не се конвенционални места за култура, да видиме култура и по улиците, бандерите, движејќи се низ градот. Впрочем, и тоа го „тестиравме“ со герила акцијата која ја направивме за најава на овој фестивал кога целиот град (а и не само во Скопје) го излепивме со стикери со поезија од новата книжевна генерација и со QR-кодови со интервјуа со млади уметници. И морам да признаам: интересот се зголемува!
Понатаму, дали ова значи дека од самите почетоци се вкоренувате во самоодржливост наместо во чекање резултати од конкурси на Министерството за култура или градските управи? Дали културата нема време за чекање? И дали нема смисла да чека ако помошта доаѓа ненавремено и недоволно?
Нема да кажам дека се вкоренуваме само во самоодржливост. Да, веќе петта година (како „Култура Бета“)работиме главно на принцип на самоодржливост, но различни институции, фирми и организации покажале свесност дека треба да се поддржат нашите активности за што сум благодарен.
Кога зборуваме за поддршката од Министерството за култура, како и од другите државни институции кои се одговорни за култура сметам дека тие се должни да учествуваат во финансирањето на активности од културата бидејќи и културните работници како и сите останати функционираат во системот на даночно обврзување, плаќаат даноци со секоја купена книга, плоча, цеде, пијачка во кафе-книжарниците итн.
Едноставно е, државата, ако е одговорна, треба од својот буџет да одвојува средства за поддршка на младинската култура (и тоа особено на младинската!) бидејќи овие луѓе кои сега се на нивните почетоци понатаму ќе ги креираат политиките во културата, а и самата култура. Но дотогаш, да, бидејќи немаме време за чекање, работиме вака како што работиме.
И конечно, што ја мотивира младата заедница креативци да ги заземе просторите, па и наративите, кои ѝ припаѓаат?
Потреба од простор! Простор за изразување, за креирање, за уметничко изразување, за општествена критика, за заедничарење… „Култура Бета“ се роди од таквата потреба за простор и затоа постојано го креираме и посакуваме тој простор да станува сѐ поголем и поубав.
Се покажува дека младите имаат што да кажат и дека и не само што се талентирани и креативни, туку и работат сериозни работи и добиваат сериозни признанија колку и некои луѓе да нѐ квалификуваат како „млади бездарници“, како некои „што ете тука нешто се глупираат“, како некои што се заблудени од младешкиот порив без суштински нешто да разбираме. Разбираме, затоа работиме.
Кој беше мотивот и критериумот за избор на учесници во фестивалските содржини?
Фестивалот „Ре-култура“ на своето прво издание брои околу 30-тина учесници од сите области на културата – од книжевноста, музиката, ликовната уметност. Критериумот е едноставен, ако прават нешто што нас како тим ни се чини убаво, квалитетно, интересно тогаш и ќе бидат дел од нашите настани. А имаме среќа што уметниците многу работат, а нас многу работи ни се допаѓаат. За ова прво издание пробавме да играме двонасочно – од една страна да ги поканиме да учествуваат моментално најактуелните млади уметници на културната сцена, а од друга страна и да дадеме шанса на оние млади кои допрва се афирмираат на сцената и сметаме дека со нивниот квалитет би придонеле многу кон нејзиниот развој. И најважно, програмата е весела и разновидна, верувам дека фестивалот со неговиот прв чекор ќе биде една убава приказна која ја ослободува младинската култура.