Македонија

Ангеловска: Граѓаните можат да добијат и до 20.830 евра субвенции преку „Купи куќа, купи стан“

7. декември 2019 - 15:35 | МИА

Граѓаните можат да добијат и до 20.830 евра субвенции преку проектот „Купи куќа, купи стан“, што воедно претставува и најголема субвенција. Каматната стапка на проектот е намалена на 2,9 отсто за првите три години и на 3,9 отсто за четвртата и петтата година. Само по овој основ граѓаните заштедуваат 1.300 евра на камати.

Ова го истакна денеска министерката за финансии Нина Ангеловска, посетувајќи ги изложувачите на саемот, што се одржува од 6 до 8 декември во ТЦ „Сити мол“ во Скопје.

Концептот, како што информира министерката, е разработен со повеќе модели за купување на стан или куќа, за млади, но и за повозрасни граѓани за навистина да има широк опфат и да ги таргетира сите оние граѓани на кои навистина им е потребна поддршка за да дојдат до сопствен дом.

–Секој заслужува да има сопствен дом, а преку проектот „Купи куќа, купи стан“ и субвенционирање на станбениот кредит, државата дава поддршка тогаш кога е најпотребно – на почетокот, рече министерката.

Милена Перчинкова, извршен секретар на Македонската банкарска асоцијација, каде 8 банки-членки се дел од проектот „Купи куќа, купи стан“, го посети денеска саемот и рече дека во ера кога милениумците копнеат по самостојност и независност, ова е извонредна можност за исполнување на нивната желба.

-Кај новиот модел „Купи стан за млади“ за клиенти со возраст до 35 години, со новите каматни стапки и субвенција од 70 проценти од ратата за првите пет години што ја дава државата за станбен кредит од 50.000 евра со рок на отплата од 30 години, бенефитот за клиентот на крај на периодот на отплатата е како да земал станбен кредит со 0,5 отсто фиксна каматна стапка за првите пет години, рече Перчинкова.

Ивица Јакимовски, претседател на Градежната комора при Сојузот на стопански комори нагласи дека го поддржува проектот уште од самиот почеток и дека овој проект е поддршка за градежништвото.  

– Од почеток на проектот Комората го поддржува и учествува во работењето на проектот. На барање на Градежната комора кое беше адресирано до Министерството за финансии со цел да продолжи повластаената стапка за ДДВ за нови станови наидовме на разбирање од страна на Министерството за финансии и Владата и продолжен е до 31 декември до 2023. Тоа е една од поволностите која ги интересира граѓаните, рече Јакимовски.

За младите, преку овој проект, има и модел „Купи куќа за млади“ каде се субвенционира 100 отсто од учеството за кредит или 11 години се субвенционира ратата и тоа 60 отсто првите три години, 50 отсто следните пет години и 40 отсто следните три години. Максималната субвенција која може да се добие преку овој модел е 20.830 евра, која е и најголемата субвенција која се нуди преку овој проект.

Уште една новина е дека за секое новородено или посвоено дете во првите десет години од користење на кредитот се предвидува дополнителна едногодишна субвенција од 30 отсто од ратата. Оваа мерка е во насока на поттикнување на наталитетот во земјава.

Сите граѓани кои сакаат да аплицираат за проектот можат на едно место да се информираат и од Министерството за финансии и од банките и од градежните компани на саемот „Купи куќа,купи стан“ кој се одржува до недела во Скопје Сити Мол.

Коментирај