Од Партијата Левица се пофалија дека антикорупциската комисија ја прифатила нивната пријава и го казнила главниот просветен инспектор Африм Саљиу со 500 евра глоба поради утврден судир на интереси за време на инспекцискиот надзор со кој извршил прикривање на незаконитостите во напредокот на тројца високи актуелни функционери од владеачката ДУИ.
„Ја известуваме јавноста дека уште денес наш правен тим ќе поднесе и управен приговор против реален акт на ДКСК, со кој ќе бараме поништување на записниците со кои се заташкаа овие контроверзни случаи“, се вели во соопштението на партијата Левица.
Од оваа партија велат и дека во тек е и подготовка на кривична пријава против инспекторот од ДПИ до Основното јавно обвинителство - Скопје за сторено кривично дело „Несовесно работење во службата“.