Фудбал

Антонио Конте повеќе не е тренер на Челзи, се чека неговата замена

12. јули 2018 - 18:06 | К.З.

Во вест која нема да изненади никого, Челзи објави дека ја раскинува соработката со италијанскиот тренер Антонио Конте, кој во две години успеа да им донесе еден лигашки трофеј и еден триумф во ФА купот.

По само две сезони, односите помеѓу Конте и Челзи се влошија до тој степен што клубот мораше да му стави предвремен крај на договорот на Италијанецот.

Иако двете сезони беа прилично успешни, со два трофеи освоени во тој период, сепак Роман Абрамович не беше задоволен од Конте и реши да го замени со друг Италијанец. Имено, во наредните неколку дена на клупата на лондонскиот клуб би требало да седне Маурицио Сари, кој по крајот на минатата сезона го напушти кормилото на Наполи.

Антонио Конте го одржа денешниот тренинг со екипата, по што на играчите им беше соопштено дека тој си заминува. Неговиот договор беше раскинат една година порано, а тој ќе добие голема компензација поради тоа.

Маурицио Сари, кој би требало да го потпише договорот со Челзи до крајот на неделава, имаше успешни неколку сезони во италијанската Серија А. Најпрво со Емполи, па потоа со Наполи, успеа да воспостави препознатлив стил на фудбал поради кој беше цел на комплиментите на голем дел од фудбалската јавност. Промената на стилот се очекува и во Челзи, но тој ќе мора да се справи со неизбежните заминувања на неколку од клучните играчи на тимот.

Коментирај